Ископување на археолошкиот комплекс „Тумби“ во Могила

Под денешното село Могила во Пелагонија се документирани шест тумби, иако дел од нив може да припаѓаат на една поголема којашто била расчленета со повеќето улици кои минуваат низ центарот на ова населено место. Два од овие локалитети беа ископувани во 70-те и 80-те години од минатиот век, при што се добија елементарни податоци за хронологијата и археолошкиот карактер на овие тумби. После пауза од скоро четри декади, локалитетот „Школска Тумба“ повторно се истражуваше, и тоа од страна на членови на ЦИП и тим од Универзитетот при Приморска од Словенија. При ископувањата беа воглавно констатирани истите обележја на оваа населба, документирани и во истражувањата од 1977 година, но се добија и сосем нови сознанија кои ја надополнуваат сликата за формирањето на неолитските тумби во Пелагонија и за нивното ползување во средниот век. Освен карактеристичните форми на керамичката продукција, алатките, фигурините, антропоморфните модели на куќи и животинските видови, во ископувањата од 2014 година беа откриени и нов вид на архитектонкска конструкција и геолошки процеси кои ја потврдуваат динамиката во периферниот дел на тумбата, каде што беше и отворена археолошката сонда. Истражувања на овие тумби и натаму продолжуваат при што главен акцент ставен е на синхронизирање и редефинирање на археолошкиот материјал откриен во сите ископувања од 1975 до 2014 година.