Истражување на телесноста и хибридноста во предисторијата

Благодарение на големиот број артефакти со антропоморфни претстави, постои можност за дефинирање на формите преку кои се манифестира неолитската телесност. Од една страна, тоа се минијатурните фигурини на кои може да се забележат стремежите за релативно реално „портретирање“ на човечкото тело, а од друга, разните садови и модели на кои, исто така, се применети принципите на антропоморфизмот, но и на хибридноста. Од голема полза се дефинираните обележја на овие предмети, со што можат да се утврдат неколку правила и форми со кои е условно детерминирана неолитската телесност. Така, присуството на глави со стилизирани фацијални обележја, дефинираното прикажување на машкото и на женското тело, определените позиции на екстремитетите, фрагментираноста на фигурините, регионалното унифицирање на антропоморфните модели, како и начинот на положувањето на покојниците во гробовите говорат за осмислениот третман на телото во неолитот. Во таа смисла, истражувањето на телесноста и на хибридноста во неолитот, е насочено кон материјалната култура (фигурини, модели и садови) со обележја на човечкото тело, за потоа да се изведат толкувања за социјалните и за симболичките компоненти на антропоморфизмот, отелотворувањето, идентитетот, посредувањето, фрагментирањето, обредноста итн.