NEENAWA: Network in East European Neolithic and Wetland Archaeology

Истражувањата за почетокот на неолитот во Македонија се сè уште скромни и, главно, се базираат на постарите ископувања и на секундарните податоци од анализите направени во неколку европски лаборатории. Но, иако скромни, ваквите податоци даваат можност за некаква појдовна реконструкција на почетоците на земјоделството и на формирањето на првите неолитски села. Дел од нив и досега се користеа како основа за неколку интерпретации, па затоа и тие се базираа на единствено културолошко дефинирање на неолитските локалитети. Сепак, во последните неколку децении приложени се доста нови калибрирани дати, палеоботанички и археозоолошки резултати за поширокиот балкански ареал, а кои вклучуваат и дел од македонските локалитети, што во голема мера придонесува за трасирање на правците и на формите на неолитизацијата. Овие нови податоци и резултати се вклучени во истражувањата на дел од тимот на ЦИП, а дополнително се продлабочуваат преку натамошните проучувања на почетоците на неолитот во Македонија. Притоа, опфатени се калибрирањето на датациите од неколку ранонеолитски локалитети во овој регион, како и керамичката технологија, архитектонските техники, ритуалите, визуелната култура, географијата и првите форми на доместицирана флора и фауна. При калибрирањето на датите од ранонеолитските населби се користат стари резултати и нови примероци за анализа кои потоа се калибрираат со софтверот OxCal за да се добие хронолошка секвенца на времето на настанување и на траење на првите земјоделски населби во Македонија. Во рамки на другите истражувања се документира и се анализира археолошкиот материјал од постарите и од поновите ископувања на неолитските локалитети, при што се добива слика за опусот на садови, фигурини, модели и на алатки, на формите и на начинот на градење неолитски објекти, како и на видовите животни и растенија кои се детерминирани во населбите на првите земјоделци на Балканот.