Завршија археолошките ископувања на Врбјанска Чука

03.07.2017

Минатата недела го завршивме едномесечното истражување на Врбјанска Чука и добивме одлични резултати. Меѓународната соработка меѓу ЦИП, Институтот за старословенска култура, Завод и музеј - Прилеп, Универзитетот на Јужна Бохемија и Институтот Биосенс вроди со плод и придонесе кон сосема ново видување на овој локалитет. Покрај редифинирањето на стратифиграфијата успеавме да регистрираме дури пет неолитски градби, коишто покрај останатите две откриени во истражувањата од 1980-те, сочинуваат бројка од дури седум објекти и тоа само на простор од 30 x 15 метри. Во нив се документирани околу десет стопански структури (амбари, корита и печки) што потврдува дека овој локалитет бил интензивно концентриран на чувањето и обработката на житото.

За специфичниот карактер на оваа населба говорат и бројните садови со фина фактура и црно сликана орнаментика, како и фигурините, антропоморфните модели на куќи и жртвениците. Археоботаничарите и зооархеолозите регистрираа повеќе видови на доместицирани и диви животни и растенија, така што заедно со орудијата од камен и коска се направи многу подетален увид во секојдневниот живот на земјоделците што живееле во ова неолитско село. Примероците од семиња и заби што наскоро ќе бидат анализирани во европските лаборатории, ќе ги дадат и точните податоци за времето во кое функционирала населбата.

Во моментов го подготвуваме извештајниот труд што до крајот на годината ќе биде објавен и достапен за сите оние што сакаат да добијат подетални информации од последните истражувања на Врбјанска Чука. Дотогаш, дронската снимка и фотографиите што ќе ги постираме попатно, ќе дадат краток увид во она што го откривме ова лето.