Предисториските тумуларни погребувања западно од реката Вардар

Можеби еден од најважните сегменти за комплетирање на сликата за предисториското живеење и организација се погребувањата. Тоа е еден микрокосмос во којшто егзистираат не само поединечни манифестации на материјалната култура, туку преку нив се проектираат и традицијата, верувањата и останатите социо-културни компоненти на заедниците. Тумулните погребувања (анг. burial mounds) или уште познати во литературата како погребувања под насип, могили итн., на Балканот се појавуваат со големите индоевропски преселби. Тоа е придобивка прифатена од степското население, меѓутоа на Балканот и воопшто на останатите места каде што се појавуваат не можат синхроно да се следат. Нивната појава и интерен (регионален) развиток се во зависност од степенот на општествениот, културниот и на психолошкиот развој на којшто се наоѓа една заедница. Затоа, како појава кај некои заедници се задржува премногу кратко, а кај некои станува традиција и ваквите погребувања со извесни модификации се провлекуваат и низ историските периоди. Во Македонија, според досегашните истражувања тие се датираат, главно, во железната доба, иако најстарите, двојни тумули со централно и воедно најстаро погребување, според материјалот и аналогиите со соседните региони (Југоисточна Албанија и Северозападна Грција) се датираат кон крајот на бронзената доба.
На територијата на Македонија и во регионот којшто се обработува во истражувањето (западно од реката Вардар – каде што се опфаќаат и делови од Грција и Албанија), оваа манифестација доживува интерен развиток, којшто секако ја отсликува еволуцијата на племенско-родовските заедници. Ставен е акцент на тумулните погребувања во Пелагонија каде што има нивна огромна концентрација, иако повеќето се само позиционирани, но не и истражувани. Покрај разработката на погребниот ритус, гробните форми, материјалната култура и слично, во истражувањето се прави обид преку погребувањата да се дојде до одредени сознанија за структурата на заедниците што ги практикувале, нивната социо-културна и економска организација, односно симболичкото значење на овој феномен.