ГИС-мапирање и геофизичко скенирање на предисториските тумби во Пелагонија

Примената на ГИС-мапирањето и геофизичкото скенирање на предисториски локалитети во Македонија е во својот зародиш, иако од многу одамна е присутна во другите земји. Дел од тимот на ЦИП последниве неколку години изведува вакви истражувања концентрирани претежно во Пелагонија. Заедно со претставници на Полската академија на науките се извршија геомагнетно скенирање и магнетна резонанца на неолитските тумби кај Добромири, Трн, Могила, Врбјани, Боротино и Славеј, при што се добија извонредни резултати за населбинските обележја и начинот на организирање на градбите во рамки на овие карактеристични локалитети. Оваа година геомагнетните истражувања продолжуваат во соработка со Универзитетот на Јужна Бохемија, при што ќе се скенираат тумбите кај Породин, Егри и Гургур. Исто така, членовите на ЦИП се концентрирани на ГИС-мапирање на повеќе тумби во поширокиот централен простор на Пелагонија, при што неодамна беа документирани и измерени 93 предисториски локалитети. Овие истражувања продолжуваат и понатаму и ќе се изведуваат сукцесивно во разни делови од пелагониската рамница.