„Неолитот во Македонија III“

Археолошки музеј на Македонија

Оваа година конференцијата Неолитот во Македонија го има своето трето издание и се одржува на 13 декември во Археолошкиот музеј на Македонија. На неа ќе се изложат 17 реферати што ќе бидат презентирани од триесетина археолози од Македонија, Србија, Грција, Словенија, Чешка, Австрија, Германија и од Швајцарија. Македонските и странските археолози ќе говорат за најновите сознанија поврзани со неолитското културно наследство во Македонија и воедно ќе дискутираат за научните проблеми што се однесуваат на бројни отворени прашања во рамки на предисториската археологија.
На конференцијата ќе бидат презентирани најновите сознанија од истражувањата на неолитските локалитети во велешкиот, полошкиот, кумановскиот и во пелагонискиот регион, вклучувајќи ги и резултатите од кабинетските, теренските и од теориските проучувања. Ќе бидат промовирани и новите методи што се применуваат при истражувањето на неолитските населби во Македонија, како што се просторните, геомагнетните, зооархеолошките и археоботаничките анализи, 3D моделирањето на артефактите и тековните пристапи во толкувањето на архитектурата, садовите, алатките и човечките претстави од ова време. Посебен осврт ќе се направи на локалитетот Анаргири во Грција којшто содржи слични елементи со локалитетите во пелагонискиот и охридскиот регион. Во рамки на конференцијата ќе бидат промовирани најновите изданија на Центарот за истражување на предисторијата, односно зборникот на трудови Неолитот во Македонија: чекор напред во проучувањето на првите земјоделски општества, како и монографијата на Дарко Стојановски Grnčarica: contribution to Early Neolithic puzzle in the Balkans.
Конференцијата е резултат на темелната соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата и Археолошкиот музеј на Македонија и таа е финансиски поддржана од Министерството за култура на Република Македонија.